8/20/2024
Сподели
Ван Хоол Македонија стана ВДЛ Ван Хоол Македонија

Од 7 јуни 2024 година холандската Групација ВДЛ почна со преземање на производно-организациски сектори од банкротираниот белгиски производител на автобуси Ван Хоол. Во рамки на ова преземање, целосно е преземена и компанијата Ван Хоол Македонија, која на 14 август 2024 година се преименува во ВДЛ Ван Хоол Македонија.

Производството на автобуси продолжува во фабриката во Скопје, и тоа со фокус на патничките автобуси и двокатните патнички автобуси по кои е познат брендот Ван Хоол. Остануваат врвниот квалитет, модерниот дизајн, безбедноста и удобноста на возилата кои излегуваат од нашиот производствен погон.

„Сила преку соработка“

Слоганот на Групација ВДЛ е ,,Сила преку соработка“. Ова е камен-темелникот на меѓународниот индустриски семеен бизнис со седиште во регионот Брејнпорт, Ајндховен. Основана во 1953 година, пред 71 година, компанијата ја води третата генерација на семејството Ван дер Лехте од 2017 година. Групација ВДЛ вработува околу 15.000 вработени и има деловни активности во 19 земји. Групацијата опфаќа повеќе од 100 оперативни компании кои меѓусебно тесно соработуваат, секоја со своја специјалност. Активностите на овие компании може да се сумираат во „петте светови на ВДЛ“: Hightech, Mobility, Energy, Infratech & Foodtech. Сега како дел од Групација ВДЛ, ВДЛ Ван Хоол Македонија ќе функционира во рамки на светот Mobility.

Продолжување на децениската успешна приказна

Компанијата Ван Хоол се појави во земјава во 2012 година кога инвестираше во изградба на фабрика за производство на автобуси во Технолошко индустриската развојна зона Скопје2 во Бунарџик. Првиот произведен автобус излезе од фабриката на 15 октомври 2013 година, и со тоа Ван Хоол ја врати традицијата на автобуската индустрија во земјата.

Големото искуство на вработените во производството на квалитетни автобуси кои се произведувале во Македонија во минатото, образованието на младите генерации во техничките училишта и одличните македонски универзитети се основата на квалитетот во производниот процес.

Денес повеќе од 1300 вработени работат во фабриката со површина од 78.000 м2, произведувајќи автобуси за најпребирливите, со почитување на строгите стандарди и критериуми на европските и северноамериканските пазари. Од самиот почеток Ван Хоол Македонија постојано вложува напори дел од своите вградени компоненти да ги обезбеди од локални извори. Денес ВДЛ Ван Хоол Македонија соработува со повеќе од 400 домашни компании и е сериозен партнер на 20-тина домашни фирми од кои набавува директни материјали и компоненти за автобусите, а во дел од кои самата компанија има вложено во нивното know-how со цел да им помогне да станат добавувачи од прв ред на врвна светски познатата компанија, овозможувајќи со тоа да бидат и конкурентни на светските пазари.

ВДЛ Ван Хоол Македонија е долгогодишен и активен член на Советот на странски инвеститори.